Поповски: Лесно се адаптирав во Тинекс Пролет, сакам да играм за Македонија на ЕП 2020

​Мартин Поповски е единствениот ракометар на Тинекс Пролет на поширокиот список од 28 ракометари на селекторот Брестовац кои се во комбинација за настап на ЕП 2020. Сосема оправдано, ако се земат во предвид неговите одлични партии во дресот на нашиот клуб, но и фактот дека овој ракометар минатата сезона со Вардар стигна до трофеи во Лигата на шампионите, СЕХА-лигата и во домашното првенство.

„Оваа 2019 година дефинитивно ми е најуспешна во кариерата. Освоив многу трофеи, со Вардар имав бројни фантастични моменти. Иако не играв премногу во ЛШ, добивав шанси во СЕХА и во домашниот плејоф, мислам дека добро ја оправдав довербата на стратезите. Потоа по долги години решив да си заминам од клубот и да се преселам некаде каде што би играл повеќе. Од опциите кои ми беа на маса го избрав Тинекс Пролет и верувам дека не згрешив“ – истакнува Поповски.

Десното крило експресно се адаптираше во новата средина и се наметна како еден од лидерите на тимот предводен од тренерот Никола Матлиески.

„Во прв момент не беше лесно бидејќи веднаш добив значајна улога во тимот, но од друга страна, тоа беше она што го очекував со самиот трансфер и верувам дека се покажав во добро светло. Кога ќе се добие шанса, треба да се искористи, а јас добро се снајдов, лесно се адаптирав, за тоа заслуга имаат и соиграчите од кои бев одлично прифатен во екипата. Работиме напорно, имаме одличен „тимски дух“ што ја краси нашата екипа и се надевам дека во ист стил ќе продолжиме и во вториот дел од сезонава. Првичната цел ја исполнивме со тоа што дојдовме на чекор до плејофот, верувам дека можеме да се носиме и со поголемиот дел од ривалите во разигрувањето за највисок пласман“.



Одличните настапи за Тинекс Пролет му овозможија на Поповски и камбек во националниот тим, откако на претходните средби не беше повикуван од страна на селекторот.

„И претходно бев на поширокиот список, но не се наоѓав меѓу оние кои ги играа натпреварите. Добрите игри за Тинекс Пролет сигурно беа препорака, но во секој случај селекторот е тој што избира и што знае како сака да игра неговата репрезентација. Јас секогаш сум ги почитувал изборите на тренерите, така беше и кога не играв за репрезентацијата. Сега сум дел од националниот тим и ќе сторам се за да се изборам за место на финалниот список, иако ни е јасно дека конкуренцијата за секое место во тимот е огромна“ – вели Мартин Поповски.

Тој порачува и дека задачата на нашата репрезентација во групата во Виена нема да биде нималку лесна.

„Можеби противниците не се премногу атрактивни, но тоа не значи дека ќе ни биде лесно. Австрија и домаќин, со Чешка традиционално имаме проблеми, додека Украина може да биде незгодна. Групата е тешка, понатаму одат две селекции, така што навистина ќе мораме да дадеме се од себе доколку сакаме да се пласираме во следната рунда“ – предупредува ракометарот на Тинекс Пролет.