Лесно и убедливо: Рутински триумф над Металург2 (35-23)

Тинекс Пролет експресно се врати на победнички патеки, откако во денешниот натпревар од 11. коло во Супер-лигата триумфираше на домашен терен над Металург2 со резултат 35-23. Скопската пресметка мина во доминација на нашиот состав, а отпорот на подмладениот млад тим на Металург2 беше скршен пред крајот на првото полувреме. Освоените бодови се уште еден значаен чекор напред кон остварување на целта - пласман во плејофот.

Металург 2 само двапати водеше во текот на целиот натпревар, и тоа со 0-1 и со 2-3, по што Тинекс Пролет поведе со 5-3. Резултатот последен пат беше израмнет на 8-8, по што домашниот состав целосно ја презеде контролата над играта и резултатот, постигна три гола во серија, а потоа до крајот на полувремето уште повеќе ја зголеми редноста и на одмор замина со удобни „плус седум“ (17-10). 

Убедливата предност му овозможи на тренерот Матлиески да одмори дел од стандардните првотимци, па шанса на теренот добија и неколку членови на кадетската екипа како Виктор Додевски и Бојан Јовановски. Двајцата млади ракометари ја оправдаа довербата, се запишаа и меѓу стрелците, а со нив на теренот успеавме уште повеќе да ја зголемиме предноста. Првата двоцифрена позитива ја имавме по десетина минути игра во вториот дел (24-14), по што избраниците на Матлиески не застанаа, продолжувајќи да доминираат на теренот се до конечните 35-23.

Капитенот Ласко Андоновски беше прв стрелец на Тинекс Пролет во денешниот триумф со десет погодоци, а по четири пати мрежата на гостите ја затресоа Мајнов и Давитковски.