Прв пораз сезонава за Тинекс Пролет (21-24)

Серијата од седум натпревари без пораз што траеше од стартот на сезонава беше прекината вечерва, откако Тинекс Пролет загуби на домашен терен од екипата на Бутел со резултат 21-24. Како пресудна се покажа слабата ефикасност во нападот во првото полувреме, кога нашиот тим постигна само шест гола. Задоцнетиот финиш за жал не беше доволен за да се избегне пораз, по кој се наоѓаме на четвртото место на суперлигашката табела.

Од самиот почеток стана јасно дека одбраната на Бутел ќе создава големи проблеми за тимот на тренерот Матлиески. Првиот гол го постигна капитенот Андоновски во втората минута, но на вториот се чекаше пет минути, пред Мајнов да го најде патот до мрежата на гостите. Зоната на „бутелци“ делуваше непробојно за нашиот тим, па иако одбраната добро си ја вршеше работата, сепак цело полувреме Тинекс Пролет бркаше негатива, а на одмор замина со резултат 6-10. 

Во второто полувреме се играше слично се до 12-18, за потоа за неколку минути Тинекс Пролет да направи серија од 5-1 и да фати резултатски приклучок. Домашниот состав дојде до 19-20, неколку минути подоцна и до 20-21, но Бутел ги реализираше клучните напади и на крајот стигна до победата.

Само четири ракометари на Тинекс Пролет се запишаа меѓу стрелците на овој меч, Џонов и Мајнов со по осум гола беа најефикасни во нашиот табор, Ласко Андоновски постигна три, а Мартин Поповски два погодоци.

Галерија