Аларов: Цврстата одбрана е клучна за дуелот со Бутел

Михаил Аларов е едно од откровенијата на новата сезона, откако одличните игри во дресот на Тинекс Пролет му донесоа и прв повик во македонската репрезентација. Младиот пивот сепак останува максимално скромен, ставајќи ги клупските интереси пред индивидуалните.

„Повикот од селекторот годи, но не менува ништо во мојот став. Целосно сум посветен на екипата, тимските резултати се она што ме интересира. Играме одлично сезонава, се уште сме без пораз и тоа е она најважното за мене, ќе сторам се за да продолжиме во ист ритам“ – изјави Аларов.

Следниот предизвик е еден од најголемите, дуел на домашен терен против Бутел (19 часот, сала „Македонско Сонце“).

Станува збор за квалитетен противник што добро го познаваме и со кого секогаш играме квалитетни и неизвесни натпревари. Играме на домашен терен, што е наша предност, но свесни сме дека за победа ќе мораме да дадеме 100% од своите можности. Клучно ќе биде да одиграме цврста одбрана, од која ќе произлезат и лесни голови на спротивната страна. Нема да биде лесно, но подготвени сме да ја продолжиме успешната серија“ – порачува Аларов.