Штета - Освоивме бод, заслуживме три против Металург (26-26)

Ракометарите на Тинекс Пролет во извонреден натпревар ремизираа против Металург 26-26, одличен резултат со оглед на фаворитската улога на гостите, но останува разочарувањето што не се стигна до цел плен. Имено, Тинекс Пролет имаше предност од 25-23 на помалку од две минути до крајот, потоа и 26-25 на пет секунди пред финишот, но гостите со гол пред звукот на сирената стигнаа до реми.

Металург беше подобар само во почетната фаза од натпреварот, кога гостите од Автокоманда поведоа со 2-5, а нешто подоцна и со 4-8. Тинекс Пролет умешно се стабилизираше, намали на 8-9, по што до крајот на полувремето се водеше израмнета битка. На одмор се замина со водство на гостите од 13-15, но беше јасно дека избраниците на Матлиески се подготвени за уште пожестока борба во вторите 30 минути.

До израмнување стигнавме при 19-19, извесно време се играше „гол за гол“, за капитенот Ласко Андоновски да донесе предност од 24-23. Мајнов погоди од седум метри за 25-23 на помалку од две минути до крајот, но две чудни судиски одлуки за исклучување на наши ракометари им овозможи на гостите да се вратат и да израмнат на 25-25. И со двајца играчи помалку успеавме да постигнеме гол преку Мартин Поповски во самата завршница, но и тоа беше недоволно за победа, Металург тргна со брз центар и преку Кбилашвили спаси бод.

Ласко Андоновски и Филип Василевски со по седум гола беа најефикасни, Џонов постигна шест погодоци, а на голот одлична партија прикажа Кизиќ.

Галерија