Непотребна „драма“, за победа во „Автокоманда“ (32-33)

Тинекс Пролет прокнижи нови бодови на суперлигашката табела откако вечерва славеше со 32-33 на гостувањето против Металург2, во премиерниот меч од второто коло. Новиот суперлигаш им создаде проблеми на избраниците на Матлиески во првото полувреме, но во вторите 30 минути работите тргнаа во очекуван тек, како што одминуваше времето, така предноста на Тинекс Пролет се зголемуваше. И кога предноста од „плус шест“ требаше да биде рутински задржана, домашните ракометари успеаја да се вратат, па до триумф дојдовме благодарение на голот на Џонов во последната минута од овој драматичен натпревар.

Првиот дел од мечот мина во израмнета игра и бројни пресврти. Фактот дека во првото полувреме имавме четири исклучувања од по две минути им овозможи на младите ракометари на Металург2 да одржуваат контрола над мечот. Подобриот финиш на полувремето овозможи Тинекс Пролет на одмор да замине со минимална предност од 12-13, по одличната одбрана на нашиот голман во последните секунди.

Второто полувреме донесе сосема поинаква слика на теренот, резултатот последен пат беше израмнет при 16-16, кога нашите ракометари ја искористија брзоплетоста на домашните играчи и со три гола во серија за првпат дојдоа до посериозна предност. Тука не се застана, резултатот рутински се контролираше, па на десет минути до крајот Тинекс Пролет имаше водство од шест гола (23-29). Малото опуштање им овозможи на домаќините да ја преполоват негативата и да се приближат на 27-30, но нивната мини-серија беше прекината со голот на Џонов.

И наместо мечот да влезе во мирна завршница, младите домашни ракометари почнаа осоколени да го полнат нашиот гол, па на една минута до крајот да стигнат и до израмнување од 32-32. Кога беше најважно одговорноста ја презеде младиот Џонов, кој по соло-акција ја врати предноста. Металург2 имаше последен напад за израмнување, но голманот Кристо одлично интервенираше ставајќи печат на победата. 

Иван Џонов одигра одличен натпревар постигнувајќи десет погодоци, Мартин Поповски реализираше шест, а Ласко Андоновски пет гола за Тинекс Пролет.

Галерија