Победата е императив против Бутел

Утрешната градска пресметка меѓу Бутел и Тинекс Пролет воедно ќе претставува и братски дуел, со оглед на фактот дека близнаците во нашите редови, Александар Василевски и Филип Василевски, против себе ќе го имаат својот брат, Кристијан, кој до пред извесно време настапуваше за Пролет, а неодамна се пресели токму во редовите на Бутел.

Семејството е многу важно во животот – но кога се излегува на терен почнува борбата за победа и целиот фокус е на тоа. И претходно во кариерите имаме настапувано меѓу себе, секогаш била беспоштедна битка за да се стигне до триумфот и на крај му се честитало на победникот“ – едногласно истакнуваат Александар и Филип.

Бутел моментно е второпласиран на табелата, а бодовите на овој дуел би биле од исклучително значење за нашиот тим во битката за плејофот.

„Имавме пад во концентрацијата против Пелистер, па наместо заслужениот цел плен освоивме само еден бод. Потоа следеше и оној пораз од Работник, но во меѓувреме работевме напорно на отстранување на грешките. Мислам дека самодовербата од периодот кога бевме во победнички ритам е целосно вратена, одлично се подготвивме за овој натпревар и знаеме што треба да сториме за да победиме“ – истакнува левиот бек Александар Василевски.

А според него, клучно ќе биде да се одигра што побрзо во нападот, како би им се создале поголеми проблеми на домашните ракометари.

„Бутел е составен од квалитетни и искусни играчи, тоа е корпулентна екипа чија зона потешко се разбива. Затоа, за нас многу важно ќе биде да играме брзо, да им создадеме проблеми со играта во транзиција и тоа темпо што подолго да го одржиме“ – вели Александар Василевски.

Бутел ја изненади нашата екипа со победа на гостински терен, што ќе биде само мотив повеќе за реванш на утрешната средба.

На тој меч ни се случи истото како и на последниот домашен дуел со Пелистер, цели 50 минути имавме и водство и контрола над играта, за потоа во финишот да промашиме бројни зицери и да му овозможиме на противникот да се врати. Мое мислење е дека имаме квалитет за да славиме во Бутел иако ривалот е за целосен респект, но не смееме да си дозволиме толку многу осцилации во играта. Работевме на тој сегмент и се чувствуваме подготвени, да одговориме на предизвикот што е пред нас“ – порачува пивотот Филип Василевски.

Натпреварот меѓу  Бутел и Тинекс Пролет се игра утре со почеток во 18.30 часот.
 

Пребарување

Табела

Поз.ЕкипаБ
1Еурофарм Работник37
2РК Бутел27
3Пелистер 0826
4Тинекс Пролет25
5Охрид 201124
6РК Струга19
7Прилеп10
8Радовиш9
9Вардар Јуниор9
10Борец0

Најнови вести

Архива на вести