Актуелно
Тинекс Пролет како клуб е исклучително горд на својата кадетска екипа која има сезона за паметење. Нашиот тим составен од млади ракометари е без пораз во регуларниот дел од сезоната, обезбедувајќи пласман на фајналфор турнирот што ќе се одржи в недела во Битола.
Тренерот Игор Илиевски, кој работи со оваа група млади играчи, не го крие задоволството од сработеното во досегашниот дел од оваа сезона.
„Пред се, би сакал да кажам дека ми е чест и задоволство да работам со овие момци, горд сум на нашите резултати во досегашниот дел од сезоната. Овие ракометари настапуваат и во кадетското и во младинското првенство, голем дел од нив имаат натпревари и на сениорско ниво и сето тоа помага да напредуваат се повеќе. Заслужено бевме први во регуларниот дел од сезоната, но тоа не значи ништо, во овој фајналфор сите четири екипи влегуваат со подеднакви шанси, мораме да излеземе на терен и да одиграме најдобро што знаеме“, вели Илиевски.
Целиот фајналфор ќе биде одигран во еден ден, Тинекс Пролет во полуфиналето ќе се сретне со Охрид, а победникот од овој меч во големото финале ќе игра со победникот од дуелот Еурофарм Пелистер – Мулти Есенс.
„Имаме две победи во овосезонските средби со Охрид, но веќе кажав, тоа не значи ништо, ова е фајналфор, еден натпревар на неутрален терен на кој шансите за успех се подеднакви. Наше да излеземе на терен, да одиграме најдобро што знаеме, ова секако ќе биде големо искуство за овие млади ракометари. Дел од нив се младински и кадетски репрезентативци на Македонија, за дел од нив верувам дека ќе стигнат и до сениорскиот национален тим, што секако ќе биде придонес на Тинекс Пролет за развојот на македонскиот ракомет. Продолжуваме да работиме максимално, секако дека сакаме најдобри резултати, но најважно е да се работи квалитетно, и по победите, и по поразите. Тоа придонесува да се дојде до позитивен исход на долг рок“, порачува Игор Илиевски.