Актуелно
Тинекс Пролет забележа уште една победа во плејаут натпреварувањето откако вечерва славеше на домашен терен против Радовиш со 37-29. „Фенерџијата“ на табелата покажа добар отпор во првото полувреме, но избраниците на Доне Мајнов додадоа гас во вториот дел, се одлепија резултатски и на крајот заслужено славеа со конечните „плус осум“.
Тинекс Пролет подобро го отвори натпреварот, поведе со 6-4, потоа имаше и 10-6. Гостите сепак успеаја да се вратат, постигнувајќи четири гола во низа по 11-7 и израмнувајќќи на 11-11. До крајот на полувремето се играше израмнето, а домашниот состав замина на одмор со минимални 17-16 по погодокот што во самиот финиш го постигна Андреј Стојановски.
Радовишани парираа само до 21-20, по што Тинекс Пролет повторно влезе во ритам, со серија од 4-0 поведувајќи со 25-20 (Глигоров, Црцаревски и два гола на Давитковски). Отпорот на гостите беше скршен,тренерот Мајнов во завршницата им даде шанса и на помладите ракометари, кои дадоа свој придонес за предноста да се зголеми дополнително, до конечните 37-29.
Стојановски беше прв стелец со осум погодоци, шест постигна Димковски, а со по пет гола мечот го завршија Давитковски, Стоилевски и Симоновски.