Актуелно
Ракометарите на Тинекс Пролет стигнаа до нова победа во рамките од плејаутот, откако вечерва на гостински терен ја совладаа Струга со 27-29. Во меч со многу пресврти Тинекс Пролет успеа да се одлепи резултатски во второто полувреме, на крајот да ја сочува предноста и заслужено да се радува на победата.
Стоилевски го постигна првиот гол на натпреварот, но стружани го свртеа резултатот во своја полза и набрзина поведоа со 4-2. Следеа голови на Дрпљанин (два) и на Стоилевски за минимално водство на Тинекс Пролет од 4-5, по што десетина минути минаа во израмнета игра на двете страни. Тинекс Пролет во 20. Минута водеше со 8-9, по што следеа четири гола во серија на Струга за 12-9. Избраниците на Мајнов имаа одговор и со мини-серија од 0-3 стигнаа до израмнување, а на одмор се замина со минимални 15-14 за Струга..
Вториот дел почна со три брзи гола за Тинекс Пролет (два на Стоилевски, еден на Стојановски). Се играше во мини-серии на двете страни, најпрвин Струга поведе со 18-17, па Тинекс Пролет со 18-20. Погодоците на Глигоров и на Стојановски донесоа предност од најубедливи „плус четири“ (18-22), но стружани не се откажаа и на осум минути до крајот намалија на само еден гол разлика (24-25).
Тинекс Пролет имаше одговор кога беше најважно, реализираше три напади во низа, голманите одбранија неколку важни удари, за на крајот Андреј Стојановски да стави печат на победата, изразена со конечните 27-29.
Солев имаше десет успешни интервенции, Велиќиески седум пати ги запре ударите на домашните ракометари, додека најефикасни во Тинекс Пролет во денешната победа беа Дрпљанин со девет, Стоилевски со пет и Давитковски со четири погодоци.