Актуелно
Тинекс Пролет ја забележа и втората победа од стартот на плејаут натпреварувањето откако вечерва рутински беше оправдана фаворитската улога против Струга, за заслужен триумф од 31-25. Составот на Тинекс Пролет одигра квалитетно, уште во првото полувреме успеа да се одлепи резултатски и потоа да го контролира резултатот до самиот крај.
Глигоров го постигна првиот гол во фуриозниот почеток на домашниот тим и раното водство од 4-1. Гостите намалија на 4-3, а потоа одржуваа некаква резултатска неизвесност само до 7-6. Тогаш Тинекс Пролет предводен од Стоилевски (четири гола) направи серија од 5-0 и се одлепи целосно, поведувајќи со 12-6. Следеше мало опуштање што противникот го искористи за да намали на 15-12, но сепак на одмор се замина со 16-12 по голот што го постигна Василевски.
Тоа беше најава за фуриозниот почеток на второто полувреме во кое за нецели осум минути Тинекс Пролет стигна и до двоцифрено водство, кога Давитковски погоди за 23-13. Победникот практично беше решен на повеќе од 20 минути до крајот, па избраниците на тренерот Мајнов во остатокот од мечот рутински го приведоа дуелот до крај, славејќи со конечните 31-25.
Голманот Трајков имаше 11 успешни интервенции, додека во нападот најефикасни беа Палевски со девет, Стоилевски со седум и Давитковски со пет погодоци.