Актуелно
Тинекс Пролет рутински ја одработе задачата во полуфиналето од групната фаза во Купот на Македонија, славејќи над Македонија Ѓорче Петров со резултат 37-29. Со овој триумф, Тинекс Пролет обезбеди место во финалето од својата група, каде за противник ќе го има тимот на Алкалоид кој во првото полуфинале славеше над Радовиш.
Од самиот почеток беше јасно кој е фаворитот на ова полуфинале, Тинекс Пролет набрзина поведе со 2-0, нешто подоцна резултатот гласеше 4-1, а во седмата минута избраниците на Доне Мајнов веќе имаа и пет гола позитива (7-2). На половина од првото полувреме резултатот гласеше 12-6, но Тинекс Пролет продолжи да доминира и уште во првиот дел поведе со двоцифрена предност (18-8), до крајот на полувремето концентрацијата за момент падна и противникот го искористи тоа за да намали на 20-13.
Македонија ЃП намали на 22-18 по неколку минути игра во вториот дел, но Тинекс Пролет во вистински момент се разбуди, епскресно враќајќи го убедливото водство (26-19). Гостите не се предадоа, во неколку ситуации намалија на „минус четири“, но младите ракометари на Тинекс Пролет кои го финишираа мечот рутински ја одработеа задачата, до крајот враќајќи ја позитивата до конечните 37-29.
Финалето од оваа група во Купот на Македонија меѓу Тинекс Пролет и Алкалоид се игра вечерва во 19.30 часот во салата „Автокоманда“.