Актуелно
Тинекс Пролет со денешниот дуел во Битола против Еурофарм Пелистер 2 ќе го продолжи настапот во оваа сезона, како дел од плејаут натпреварувањето.
Скопскиот суперлигаш не успеа во зацртаната цел да стигне до место во плејофот, но тренерот Доне Мајнов гледа позитивно на наредниот период, како шанса за помладите преку поголема минутажа да ги покажат своите квалитети.
„Секако дека сите посакувавме да бидеме дел од плејофот, но тоа за жал не се случи. Не е ништо трагично, мораме да останеме максимално фокусирани и во наредните месеци, пред нас ќе бидат пресметки со ривал кои имаат сличен квалитет како нашиот. Секако, помладите играчи ќе добиваат шанса, а токму плејаутот ќе биде добра шанса за нив да покажат квалитет, да добијат минутажа и уште подобри да ја дочекаат следната сезона во дресот на Тинекс Пролет“, вели Доне Мајнов.
Плејаут натпреварувањето стартува со најтешкото гостување за Тинекс Пролет, мечот во Битола против ривалот од кого се претрпени два пораза сезонава.
„Можеби моментниот квалитет е на страната на противникот, но тоа не значи ништо во случајов. Она на што јас како тренер инсистирам е максимална фокусираност и борбеност од првата до последната минута. Верувам дека ако одиграме во посакуваниот ритам, би можеле да стигнеме до добар резултат. Најважно ми е тимот да покаже карактер, а младите играчи борба на секој меч, од овој денеска до крајот на сезоната“, порачува стратегот на Тинекс Пролет.