Актуелно
Ракометарите на Тинекс Пролет загубија на домашен терен од Охрид со резултат 23-39, во последното коло од Супер-лигата, со што беше заокружен првиот дел од натпреварувањето во македонскиот шампионат. Кај подмладениот состав на Тинекс Пролет постоеше желба за подвиг и добар резултат, но противникот едноставно беше преквалитетен за да дозволи изненадување на овој натпревар.
Стоилевски го постигна првиот гол за Тинекс Пролет за 1-2, Стојановски беше прецизен во 7. Минута за 2-3, но потоа следеше период што мина во знакот на гостите, кои набрзина поведоа со 2-6, а потоа и преку Ќосевски стигна со 3-10. Тинекс Пролет ја стабилизираше играта, влезе во голгетерски ритам, но гостите го исконтролираа рутински резултатот до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со 9-16, по голот што го постигна Стоилевски за Тинекс Пролет во 30. Минута.
Мајнов побара тајмаут по само две минути игра откако охриѓани набрзина поведоа со 9-18, а неколку минути подоцна Охрид стигна и до првото двоцифрено водство (10-20). Победникот беше практично решен, па шанса добија и дел од помладите ракометари кои сосема добро се снајдоа на теренот. Гостите сепак во самиот финиш повторно влегоа во серија, ја зголемија предноста и на крајот славеа со конечните 23-39.
Дамчевски и Стоилевски беа најефикасни кај Тинекс Пролет со по пет погодоци, четири пати прецизен беше Димковски, а со три гола овој дуел го заврши Глигоров.
По завршувањето на настапот во Супер-лигата, Тинекс Пролет во наредните месеци ќе се натпреварува во
плејаут-лигата за опстанок, каде ривали на нашиот тим ќе бидат Еурофарм Пелистер 2, Прилеп, Радовиш, Куманово и Струга.