Актуелно

​Даскалоски: Горд сум на се што остварив како играч, камбекот во Пролет има посебна симболика

Златко Даскалоски е име што дваесетина години со голем успех настапуваше за бројни клубови во ракометна Македонија. Тој пред крајот на играчката кариера се врати назад во Тинекс Пролет, за по збогувањето од активното бранење да стане дел од стручниот штаб на нашиот клуб.

Искусниот 41-годишен ветеран полн со емоции се навраќа на сето она што го мина како играч, со опитмизам гледајќи кон иднината во која исто така ќе остане дел од ракометната приказна.

„Во секој клуб во кој сум настапувал има посебни спомени и секој од нив оставил свој белег во мојата кариера. Како посебен спомен ќе останат шампионските титули со РК Вардар, како и настапите во Лигата на шампионите со истиот клуб, што претставува врв за секој ракометар. Големо искуство беше и третото место во романската лига со Тимишоара, а значајни спомени носам и од периодите кога настапував во Франција, Црна Гора и Турција. Секоја земја, секој клуб и секоја сезона донесоа ново искуство и нов предизвик“, вели Даскалоски.

Воедно, тој во периодот кога бранеше во топ-форма беше дел и од македонскатa ракометна репрезентација.

„Со репрезентацијата на Македонија, учеството на Европските и Светските првенства е чест и гордост што засекогаш ќе ги паметам. Да ја претставуваш својата држава на голема сцена е нешто што нема цена и останува како еден од најголемите моменти во кариерата“.



Тој гледа на повлекувањето како член на Тинекс Пролет како на посебна симболика.

„Пследната сезона ја поминав во Тинекс Пролет. Дали ќе беше оваа или следната година, секако ќе дојдеше моментот кога ќе требаше да се заокружи играчката кариера. Иако мој матичен клуб е РК Струга, почетокот на мојата професионална кариера започна токму во Тинекс Пролет и некако судбината сакаше тука да се затвори тој круг. Тоа за мене има посебна симболика. Тренерската кариера, конкретно како тренер на голмани, ја започнав постепено уште додека настапував за Голден Арт, работејќи со голманите од сите категории, паралелно со играчката улога. Таа двојна улога продолжи и во Тинекс Пролет, а од оваа полусезона целосно се посветувам на тренерската работа – како помошник тренер и тренер на голманите во сите категории. Сметам дека тоа е природен чекор и логично продолжение на мојата кариера. Исто така, четири години по ред сум на кампот 40/24 каде држам приватни тренинзи„“, изјави Златко Даскалоски.

Поранешниот македонски репрезентативец е импресиониран од потенцијалот што го поседуваат младите играчи на скопскиот суперлигаш.

„Има навистина голем потенцијал кај младите што доаѓаат од кадетските категории на Тинекс Пролет. Се гледа континуиран напредок во нивната работа, дисциплина и разбирање на играта. Фактот што добиваат шанса да бидат дел од првиот тим треба да им биде дополнителен мотив за уште поголема посветеност, работа и докажување. Со правилно водење и трпение, овие момци можат да израснат во носители на играта и иднината на клубот. Иднината на Тинекс Пролет ја гледам позитивно, особено со младите играчи кои постепено добиваат шанса и одговорност. Ако продолжи континуитетот во работа, дисциплина и правилен развој, клубот може да создаде стабилна и препознатлива генерација која ќе биде конкурентна на највисоко ниво“, порачува Даскалоски.



Тој смета дека трендот на напорна работа мора да продолжи за ракометот да остане спорт број 1 во Македонија.

„Што се однесува до македонскиот ракомет, тој со години е еден од симболите на спортот кај нас. Успесите на репрезентацијата и клубовите покажаа дека имаме квалитет и потенцијал. Потребна е системска работа со младите, вложување во стручни кадри и инфраструктура, за ракометот и понатаму да остане спорт број еден во државата и да продолжи да носи радост и гордост“, истакна Златко Даскалоски.

„На крајот, сакам да изразам искрена благодарност до сите тренери и соиграчи со кои сум настапувал низ годините. Секој од нив остави трага во мојата кариера и придонесе да изградам и спортски и човечки вредности. Му благодарам на Бога за сè, особено што ме сочува од потешки повреди и ми овозможи долга и исполнета кариера. Најголемата благодарност оди до мојата сопруга, моите деца и моите родители, кои беа мојата најсилна поддршка во сите овие години. Без нивната љубов, трпение и разбирање, ништо од ова немаше да биде исто“, порачува за крај Даскалоски.

Пребарување

Табела

Поз.ЕкипаБ
1Вардар38
2Е. Пелистер34
3Охрид33
4Алкалоид33
5Тиквеш20
6Бутел20
7Прилеп18
8Е. Пелистер 217
9Тинекс Пролет13
10Куманово7
11Струга7
12Радовиш0

Најнови вести

Архива на вести