Актуелно
Тинекс Пролет претрпе пораз од 37-29 на гостувањето против Алкалоид во првото коло од новата календарска година. Доне Мајнов го исполни ветувањето и им даде шанса на младите ракометари да блеснат против еден од најдобрите тимови во мак-ракометот, Тинекс Пролет одигра квалитетно прво полувреме, но немаше сили да го издржи темпото во вториот дел и убедливиот пораз беше неизбежен.
Ласко Андоновски го постигна првиот гол за Тинекс Пролет во 2026 година, за водство од 0-1 во „Автокоманда“, нешто подоцна Андреј Стојановски погоди за 2-2, а избраниците на новиот тренер Мајнов целосно му парираа на фаворитот се до 6-6 (со вториот гол на Стојановски). Алкалоид постигна три гола во низа пред капитенот Андоновски да намали на 9-7, домашниот тим имаше најубедливи „плус четири“ во првото полувреме (11-7 и 12-8), но Томи Димковски со два гола во серија ја преполови негативата. Младите добија шанса, па така Лешниковски и Стојчевиќ стрелаа прецизно за 16-14, но на одмор се замина со 17-14 по погодокот што во самиот финиш од полувремето го постигна Исланѓанецот Тордарсон.
Одличниот ритам што Тинекс Пролет го одржуваше во првото полувреме сепак падна во вториот дел, а тимот на Алкалоид знаеше како да го искористи тоа и да стигне до убедлива предност. По шест минути игра во второто полувреме негативата беше дуплирана (21-15), домаќинот ја казнуваше секоја грешка на младиот тим на Тинекс Пролет и кон средината на полувремето стигна и до двоцифрена предност од 18-28.
Мајнов повторно им даде шанса на помладите ракометари кои сосема солидно се снајдоа, не дозволувајќи разликата дополнително да се зголеми, меѓу стрелците се запишаа и Ѓорчески и Крстески, прецизен повторно беше и Лешниковски, за овој дуел на крајот да заврши со конечни 37-29 за Алкалоид.
Димковски беше прв стрелец со осум погодоци, шест постигна Стоилевски, а од младите ракометари меѓу стрелците против Алкалоид се запишаа Крстески (два), Лешниковски (два), Ѓорчески (два) и Стојчевски (еден гол).