Актуелно
Ракометарите на Тинекс Пролет се прикажаа во добро светло, но не успеаја да направат подвиг против Е. Пелистер, губејќи на домашен терен со резултат 25-31. Во првото полувреме умешно му париравме на поквалитетниот ривал, но „пелистерци“ сепак успеаја да се одлепат во вториот дел и да не дозволат победата во ниту еден момент да биде доведена во прашање.
Дуелот почна со подобра игра на гостите од Битола, кои набрзина поведоа со 0-5. Тинекс Пролет првиот гол го постигна во 6. Минута преку Стојановски, младиот бек влезе во изворедна серија постигнувајќи уште три погодоци и давајќи голем придонес за Тинекс Пролет експресно да се врати во мечот. Капитенот Ласко Андоновски беше прецизен за 6-7, Стојановски постигна уште еден погодок за 7-8, но потоа битолчани влегоа во серија од три гола и поведоа со 7-11. Домашниот тим возврати, преку Стојановски и Давитковски намали на 11-13, за на одмор да се замине со резултат 11-14 по погодокот на Калајџиоски.
Тинекс Пролет стрелаше прецизно преку Палевски и Стоилевски на стартот, одржувајќи неизвесност до 14-16, но битолчани преку Радивојевиќ и Манасков повторно стигнаа до пет гола предност (14-19). „Пелистерци“ имаа најубедливи 15-23, домаќините ја намалија големата негатива, а потоа тренерот Матлиески ги реализираше најавите, во завршните минути давајќи им шанса на талентите од кадетската и младинската екипа на Тинекс Пролет.
Пелистер остана со својата најсилна постава на теренот до самиот крај на мечот, но нашите млади ракометари одлично парираа. Шанса добија Димитар Симовски, Огнен Александров, Трајче Костов, Марко Ѓорчевски, Ѓорѓи Лешниковски... сите ја оправдаа довербата максимално борејќи се и не дозволувајќи противникот да влезе во нова серија, за овој меч да заврши со конечни 25-31.
Андреј Стојановски одигра одличен меч и со девет гола беше најефикасен на теренот, а блесна и големиот талент Димитар Симовски со пет гола од исто толку обиди. Од помладите, Костов постигна два, а Ѓорчески еден погодок во мрежата на актуелниот првак.