Актуелно
Ракометарите на Тинекс Пролет претрпеа пораз од убедливи 30-20 на гостувањето против Охрид, дуел на кој избраниците на Матлиески целосно парираа во првото полувреме, но немаа сили да го издржат ритамот и во вторите 30 минути во салата „Билјанини извори“.
Почетокот мина во израмнета игра на двете страни, а Мајнов го донесе првото и единствено водство на Тинекс Пролет од 2-3. Охрид со серија од четири гола поведе со 6-3, но нашиот тим покажа карактер, се врати во одличен и набрзина го израмни резултатот (8-8) со головите на Палевски и на Стојановски. Се продолжи со егал-игра се до 11-11 на неколку минути до крајот на првото полувреме, што домаќините поумешно го завршија и на одмор заминаа со предост од 13-11.
Вториот дел донесе сосема поинаква слика на теренот, голманот Блажески им создаваше големи проблеми на ракометарите на Тинекс Пролет, а охриѓани ја искористија добрата форма на својот чувар на мрежата за експресно да ја кренат позитивата. Ојлески влезе во серија голови и Охрид поведе со 21-14, домаќините не застанаа, туку продолжија со фуриозна игра, зголемувајќи ја позитивата до конечните 30-20.
Андреј Стојановски беше најрасположен во таборот на Тинекс Пролет со шест гола, четири постигна Палевски, додека капитенот Андоновски два пати се запиша меѓу стрелците.
фото: facebook// GRK Ohrid