Актуелно
Ракометарите на Тинекс Пролет викендов ги очекува нов голем предизвик, гостување против екипата на Охрид која со уште поголеми амбиции влезе во новата натпреварувачка сезона (19 часот, сала „Билјанини Извори“).
Охриѓани се решени да се борат за највисок пласман, инвестираа во врвни засилувања и нов стручен штаб, успевајќи да ја кренат играта на едно повисоко ниво. Во една таква ситуација, јасно е дека домаќинот ќе ја има фаворитската улога, но Тинекс Пролет мора без страв да влезе во мечот и да одигра квалитетен меч.
Свесен за тоа е и тренерот Никола Матлиески, кој јасно стави до знаење што ќе очекува од своите ракометари на вечерашниот дуел.
„Свесни сме за квалитетот на екипата на РК Охрид и атмосферата која не очекува во нивната сала. Тие со право ја носат етикетата на фаворит во овој натпревар. За нас, сепак, овој дуел е нешто повеќе од само потрага по бодови. Одиме во Охрид со јасна цел: да излеземе на терен максимално мотивирани, да ја покажеме најдобрата игра што ја можеме во овој момент и да се бориме за секоја топка сите 60 минути.Резултатот е важен, но уште поважно е да го подигнеме нивото на игра, да ги испробаме тактичките замисли и да се вратиме со позитивен впечаток кој ќе ни послужи како одлична основа за напорниот распоред што нѐ очекува“, вели Матлиески во пресрет на вечерашниот дуел.