Тинекс Пролет го претрпе првиот пораз на домашен терен сезонава откако загуби во пресметката со Еурофарм Пелистер 2 со резултат 24-26. Домашните ракометари имаат за што да жалат ако се знае дека во долги периоди имаа и водство и контрола над играта, но на крајот платија за големиот пад од девет минути во кои не постигнаа гол во второто полувреме, што е главна причина за денешниот неуспех.
Стартот мина во знакот на Давор Палевски, кој постигна три гола во првите пет минути и донесе рано водство од 3-1. Битолчани потоа ја презедоа контролата, поведоа со 3-4, нешто подоцна имаа и два гола предност (5-7, 7-9), но Тинекс Пролет имаше одговор и со три гола во низа повторно стигна до предност (10-9) со погодокот на Палевски. Димковски и Трајковски погодија за „плус два“ за Тинекс Пролет (12-10), за домашниот тим да замине на одмор со еден гол позитива (14-13).
Вториот дел почна со израмнета игра на двете страни, пред Тинекс Пролет прв да се одлепи на „плус два“, со голот на Глигоров на истекот од 40. Минута. Во период во кој имавме играч предност, за помалку од две минути примивме два гола и мечот повторно беше израмнет (19-19), по што Пелистер 2 на половина од второто полувреме стигна и до минимално водство од 19-20. Кризата продолжи, Матлиески беше принуден да побара тајмаут при 19-21, но проблемите во нападот продолжија, а „пелистерци„ го искористија тоа за да зголемат на 19-23 на десет минути до крајот.
Серијата од нецели девет минути без гол со прецизен седмерец ја прекина Палевски, потоа при 21-23 имавме и три напади за целосно враќање што не ги искористивме. На четири минути до крајот резултатот гласеше 23-24, но избраниците на Матлиески немаа сили за целосен камбек, губејќи го мечот со 24-26.
Палевски со осум гола беше најефикасен во тимот на Тинекс Пролет, пет имаше Стоиловски, а четири Давитковски, додека Солев имаше 9 интервенции на овој натпревар.