Андреј Глигоров веќе втора година ги брани боите на Тинекс Пролет, а сезонава повторно е прва опција на пивотменската позиција, воедно има и значајна улога во одбранбената зона на нашиот клуб.
Овој 21-годишен ракометар не го крие задоволството што е дел од скопскиот суперлигаш, добро познат по тоа што знае да даде шанса и да ги лансира кариерите на македонските таленти.
„Среќен сум што сум дел од Тинекс Пролет, тим што го краси извонредна сплотеност и тимска хемија. Можам да кажам дека сум значително напреднат од првиот ден кога дојдов во клубот, благодарение на сите во Пролет. Работиме квалитетно на тренинзите и верувам дека резултатите од таа работа допрва ќе се видат на дело“, изјави Глигоров.
Тој не го крие разочарувањето што по добрите игри на стартот од сезоната следеше оној ннеочекуван пораз на гостувањето во Прилеп.
„Игравме навистина добар ракомет од стартот на сезонава и штета е што потклекнавме во Прилеп, меч што беше решен со нашиот слаб старт во првите петнаесетина минути. Се разбудивме, заигравме подобро и ја намаливме негативата, но кога ќе се има така големо заостанување е исклучително тешко целосно да се вратите, особено на гостински терен“, вели Андреј Глигоров.
Лекцијата од тој натпревар е научена, а желба на сите во екипата е веќе на следниот меч (денеска на домашен терен) да се врати на победнички патеки.
„Куманово е тим што го респектираме и нема да го потцениме, бековската линија е најопасниот дел од оваа екипа и ќе мораме да останеме максимално фокусирани во одбраната да го неутрализираме ова оружје на противникот. Верувам дека сме подобра екипа, но тоа ќе треба да го докажеме и на теренот. Сакаме експресно да се вратиме на победнички патеки, но и да испратиме порака до ривалите дека ќе им биде тешко сезонава да стигнат до бодови во нашата сала“, порачува Глигоров во пресрет на денешниот меч во „Македонско Сонце“.