Ракометарите на Тинекс Пролет добро ја стартуваа новата сезона, бележејќи две победи во стартните три рунди од Супер-лигата (единствениот пораз беше очекуван, на гостувањето против Еурофарм Пелистер).
Марко Мишевски е еден од ракометарите кои дојдоа летово и веднаш оставија трага врз играта на Тинекс Пролет, давајќи значаен придонес како во нападот, така и во одбраната.
„Среќен сум што сум овде, ова е одлична група на ракометари, но што е уште поважно – група на добри луѓе. Тимскиот дух и пријателството е она што го краси Тинекс Пролет, сите сме тука еден за друг и таквиот пристап го пренесуваме на теренот. Одлично почнавме со онаа важна победа над Тиквеш, бевме успешни и во минатото коло против Радовиш и сакаме во таков ритам да продолжиме и на наредните натпревари“, вели поранешниот македонски репрезентативец.
Следен предизвик за Тинекс Пролет е утрешното гостување против Прилеп, меч на кој избраниците на Матлиески се надеваат на првата гостинска победа оваа сезона.
„Сакаме да завршиме во Топ 6, а за такво нешто потребно е да се слави и надвор од својата сала. Ќе сториме се за да славиме во Прилеп, иако ни е јасно дека воопшто нема да ни биде лесно. Прилеп е добра екипа, има квалитетни бекови и крила што ќе мораме да ги неутрализираме за да стигнеме до посакуваниот резултат. Работевме добро во изминатите денови, се подготвивме за она што не очекува и оптимисти сме дека ќе успееме да стигнеме до победата“, изјави Марко Мишевски.