Младинските екипи на Тинекс Пролет одиграа натпревари во своите возрасни категории викедов, при што на три меча беа забележани две победи и еден пораз.
Најимпресивно делуваше нашиот пионерски состав, кој во скопската пресметка го декласираше тимот на Бутел со 26-11. Тинекс Пролет делуваше особено импресивно во првото полувреме што го отвори со 10-0, на одмор се замина со уште поубедливи 14-2, за на крајот нашите млади ракометари да слават со конечни „плус 15“. Мартин Стојановски со седум гола беше најефикасен во победничкиот тим, а по четири погодоци постигнаа Марко Биноски и Марио Поповиќ.
Кадетската екипа на Тинекс Пролет за ривал викендов го имаше составот на Македонија ЃП, меч што нашите кадети рутински го добија со 37-27. Победникот беше решен уште во првото полувреме што Тинекс Пролет го доби со 20-11, по што рутински ја одржуваше убедливата предност до самиот крај. Марин Деспотовски со девет гола ги преводеше стрелците на Тинекс Пролет, пред Костов и Дамчевски кои постигнаа по шест погодоци.
Младинската екипа на Тинекс Пролет во првото коло му гостуваше на фаворитот Еурофарм Пелистер, меч што нашите младинци го загубија со 31-28. Битолчани подобро го почнаа дуелот и диктираа темпо до првите минути од второто полувреме кога поведоа со 23-13. Тинекс Пролет покажа карактер, ги одигра последните дваесетина минути на високо ниво, спуштајќи ја разликата на конечни „минус три“. Лука Јовиќ со девет гола беше главна фигура во таборот на Тинекс Пролет на мечот одигран во петокот, на кој Костов постигна пет, а Дамчевски четири погодоци.