Срамен пораз од Голден Арт во Купот на Македонија

Тинекс Пролет не успеа да се пласира во финалето од групната фаза од Купот на Македонија откако нашиот тим загуби со убедливи 22-32 во полуфиналната пресметка со Голден Арт. Овој пораз претставува сериозна шлаканица ако се земе во предвид фактот дека ја имавме фаворитската улога пред мечот, но ракометарите целосно потфрлија на теренот и убедливиот пораз беше неизбежен.

Тинекс Пролет го контролираше резултатот од самиот почеток, поведувајќи со 3-1. Гостите за момент стигнаа до 3-3, но следеа три гола во низа на домашните ракометари за водство на Тинекс Пролет од 6-3. Голден Арт не се откажа, успевајќи да намали на 6-5. Во периодот кога се разбрани голманот Михаљевиќ беа правени брзоплети грешки во нападот, што придонесоа гостите да останат во мечот. Тинекс Пролет имаше и 10-7, во финишот од полувремето во ритам влезе и капитенот Андоновски (три гола во последните пет минути), но Голден Арт подобро го заврши овој дел од мечот, со гол во последната секунда на Даев израмнувајќи на 12-12. 

Гостите потоа подобро го отворија и вториот дел, поведувајќи со 13-15, а неколкуте одлични одбрани на нашиот голман Петковски помогнаа кризата да не донесе и уште поголема негатива. Палевски при овој резултат не искористи седмерец, а Голден Арт го казни тоа со гол за најубедливо водство на спротивната страна (13-16). Следеше нов седмерец и ново промашување, овојпат Мајнов шутираше над гредата, по што Голден Арт погоди со двајца играчи помалку за водство од 13-17. При 14-18 не беше реализиран и трет пенал во низа, а кога негативата стигна до пет гола (14-19), тренерот Јовиќ беше принуден да побара тајмаут. Ситуацијата на теренот не се промени, Голден Арт уште повеќе ја зголеми својата предност и го контролираше мечот до самиот крај, заслужено триумфирајќи со убедливи десет гола разлика (22-32).

Ласко Андоновски беше најефикасен во нашиот табор со пет гола, четири постигна Палевски, а по три Димковски, Арсеновски и Стојановски.

Ова е сериозна опомена за нашиот тим, кој одигра далеку под своите можности во најслабиот меч оваа сезона, нешто што никако не смее да се повтори до крајот на плејофот.