Јовиќ: Охрид е фаворит, но нема да му биде лесно против Тинекс Пролет

Тинекс Пролет продолжува со настапите во ракометниот плејоф на Македонија со домашен натпревар против екипата на Охрид, меч што ќе се игра денеска во салата „Македонско Сонце“ со почеток во 18.30 часот. 

Охриѓани доаѓаат во Скопје преполни со самодоверба откако во минатото коло го совладаа Алкалоид, нанесувајќи му го првиот овосезонски пораз на актуелниот вицешампион на Македонија. Овој тим донесе низа странски засилувања како во текот на летото, така и во пресрет на плејофот, со што дополнително ги крена амбициите за висок пласман.

„Фаворитската улога им ја препуштаме на гостите, кои покажаа дека се одличен тим и се наоѓаат во извонредна форма, што го демонстрираа и со последниот триумф над Алкалоид. Охрид е тим со огромен број квалитетни играчи на сите позиции, воден од одличен тренер каков што е Стевче Алушовски. Фактот дека се добро покриени на сите делови од тимот им овозможува да одржуваат високо темпо во текот на сите 60 минути. Покрај квалитет имаат и квантитет, затоа ќе ја имаат и фаворитската улога против нас, но тоа воопшто не значи дека ќе им биде лесно“, изјави тренерот на Тинекс Пролет, Александар Јовиќ.

Тој има пофални зборови и за својата екипа, особено за последните две одиграни средби, победата над Бутел и одличниот отпор против шампионот Е. Пелистер на мечот одигран во Битола.

„Јас искрено сум горд и пресреќен што имам можност да соработувам со овие момци од Тинекс Пролет. Работиме напорно и ја креваме формата на секој нов тренинг и натпревар и очекувам така да продолжиме и во наредниот период. Дуелот во Битола беше многу важен бидејќи сите се уверија дека ако одиграме максимално можеме да парираме и на најсилните екипи во македонскиот ракомет. Тоа ќе ни ја зголеми самодовербата пред наредните дуели, почнувајќи од овој денешниот со Охрид. Верувам дека повторно ќе одиграме дисциплинирано и ќе го спроведеме она што го работевме на теренот, а сите оние кои ќе дојдат во салата „Македонско Сонце“ ќе можат да уживаат во квалитетен ракомет“, порачува Јовиќ.