Супер-драма: Арсеновски со гол во последната секунда донесе победа над Мулти Есенс (31-32)

Филип Арсеновски е херојот на Тинекс Пролет на гостувањето против Мулти Есенс, на кое нашиот клуб забележа победа од минимални 31-32, за победничко деби на клупата на новиот тренер Александар Јовиќ. Градскиот ривал се покажа како незгоден противник, се играше „егал“ од почеток до крај, за Арсеновски да стрела прецизно буквално во последната секунда за огромна победа и уште еден чекор напред кон плејофот.

Филип Арсеновски го постигна првиот гол на мечот на асистенција на капитенот Андоновски, а домашниот состав парираше во првите четири минути, од кои Тинекс Пролет половина време мина со играч помалку по исклучувањето на Стојановски. Штом тимот се комплетираше избраниците на Јовиќ експресно влегоа во ритам во нападот и поведоа со 2-5, принудуваќи го Иван Марковски на тајмаут уште во раната фаза од натпреварот. Мулти Есенс упсеа да се врати и да намали на 7-8, резултат при кој Јовиќ го внесе Петковски на голот на местото на Михаљевиќ.

Домаќините стигнаа до 8-8, Пролет поведе со 8-10 и имаше играч повеќе, но и со таква предност му дозволивме на Мулти Есенс пак да стигне до израмнуање (10-10). Следеше нова грешка на Пролет, по што Мулти Есенс за првпат на мечот стигна до предност (11-10), по што Јовиќ беше принуден да побара тајмаут. Советите вродија со плод, Тинекс Пролет поведе со 11-13, но повторно следеше над на концентрацијата во одбраната, што придонесе со гол примен во последната секунда на одмор да се замине со еден гол негатива (17-16). 

Второто полувреме донесе далеку посериозен пристап во одбраната, па домаќините за седум минути постигнаа само еден гол, а Тинекс Пролет го сврте резултатот во своја полза и поведе со 18-20. Додевски заработи исклучување, но Пролет и со играч помалку одлично се справи, со двата гола на Василевски поведувајќи со три гола предност (20-23). И повторно штом се стигна до водство дојде и до пад во концентрацијата, па Мулти Есенс уште еднаш се врати, намалувајќи на 22-23, резултат при кој Мајнов не реализираше пенал.

Јовиќ побара тајмаут при 26-26, но по една чудна судиска одлука не беше санкциониран фаул над Арсеновски, по што Мулти Есенс со нов гол од контранапад поведе со 27-26. Тинекс Пролет најде сили за нов камбек и преку Палевски поведе со 29-30, но домаќините на две минути до крајот погодија за 30-30. На 40 секунди до крајот беше досуден седмерец врз Арсеновски што Палевски го претвори во водство од 30-31. Домаќините погодија со цепелин за 31-31, но нивната мрежа беше празна, па Арсеновски со погодок од половина терен во последната секунда донесе огромна победа на Тинекс Пролет.

Арсеновски беше најефикасен во таборот на Тинекс Пролет со осум гола, шест постигна Мајнов, а со по пет погодоци натпреварот го завршија Андоновски и Палевски.