Лембанов: Почнавме според планот со две победи, во иднина ќе играме уште подобро

Тинекс Пролет успешно ја стартуваше новата суперлигашка сезона, славејќи на премиерните две пресметки против екипите на Вардар Неготино и на Прилеп. Фаворитска улога беше оправдана, а тренерот Алексо Лембанов има причина за задоволство од почетните изданија на својот тим.

„Стартот е токму онаков каков што го посакувавме, тие прв две средби беа зацртани како дуели на кои мора да се забележат победи и ние го остваривме тоа. Генерално сум задоволен од работата и од залагањето, на тренинзите и на натпреварите. Она што ме радува е што играме со поширок ростер, со доста измени во текот на натпреварот и го одржуваме темпото што го посакуваме. Играчите кои ги доведовме летово добро се адаптираат и ни помагаат да имаме што помалку замени во фазите напад - одбрана, што е многу важно за нас. Верувам дека играта ќе се крене на уште повисоко ниво како што ќе одминува времето, бидејќи имаме квалитетен тим во кој гледам простор за напредок“, изјави Лембанов.

Тинекс Пролет делуваше сигурно во првото полувреме против Прилеп, но потоа дојде до значителен период на стартот од вториот дел. Гостите стигнааа и до резултатски егал, но Тинекс Пролет во финишот се консолидираше и стигна до победа од пет гола разлика.

„Мислам дека дојде до мало опуштање во нашите редови, што тимот на Прилеп знаеше како да го искористи. Потоа влеговме во мала нервоза и направивме неколку грешки, извесен период се играше „егал“, но начинот на кој реагиравме во завршницата и на крајот славевме со пет гола разлика доволно го отсликува нашиот квалитет. Секако, ќе извлечеме поука за вакви опуштања и осцилации во играта да нема во иднина“, вели стратегот на Тинекс Пролет.

Следен предизвик е скопската пресметка со двократниот европски шампион Вардар, тим што исто како и Тинекс Пролет ја стартуваше сезоната со две победи во Супер-лигата.

„Од она што го видовме на почетокот од сезонава, Вардар заврши одлична работа со склопување на тимот, ангажирајќи квалитетни засилување кои експресно се вклопија во тимот. Делуваат полетно, во екипата очигледно владее добра атмосфера и тоа се одразува на играта на терен. Тие ќе ја имаат улогата на фаворити, а наше е да излеземе на терен, да одиграме без страв и претеран респект за противникот и да се обидеме да стигнеме до што подобар резултат“, истакнува Лембанов во пресрет на наредниот меч на својот тим.