Одличен старт на сезоната: Убедлив триумф над Вардар Неготино (35-21)

Тинекс Пролет лесно и убедливо стартуваше во новата суперлигашка сезона, триумфирајќи во првиот меч на домашен терен над Вардар Неготино со убедливи 35-21. Фаворитската улога што ја имавме во пресрет на мечот беше максимално оправдана, Тинекс Пролет го контролираше резултатот од почеток до крај, Лембанов им даде шанса на сите ракометари да покажат што знаат, а двоцифрената разлика на семафорот на крајот од натпреварот е јасен одраз за разликата во квалитетот на двата тима. 

Александар Василевски го постигна првиот гол за Тинекс Пролет во новата сезона, стрелајќи прецизно во првиот напад за почетно водство од 1-0. Домашниот состав знаеше како да го наметне сопственото темпо, па по само седум минути игра резултатот гласеше 6-2, резултат при кој гостинскиот тренер побара тајмаут. Избраниците на Лембанов рутински ја одржуваа удобната предност, поведувајќи со 9-4, а потоа и со 10-5 на половина од првото полувреме. Тренерот на Тинекс Пролет го изротира тимот во вториот дел од полувремето, па со головите на Николовски и на Димковски домашниот состав поведе со 13-7. Михаљевиќ при овој резултат одбрани и пенал, раззликата се движеше меѓу пет и шест гола, за Доне Мајнов пред самиот крај на полувремето да стрела прецизно и на одмор да се замине со 16-9 за Пролет.

Добрата одбрана на домашниот тим не дозволи гостите од Неготино да дадат гол по првите три минути игра од вториот дел, па тренерот на Вардар побара нов тајмаут при резултат 17-9. Тоа не само што не вроди со плод, туку по две грешки на гостинските ракометари Тинекс Пролет набрзина дојде и до првото двоцифрено водство на мечот (19-9). Гостите инсистираа на „седум на шест“ во нападот, но не само што одбраната на Пролет одговори на предизвикот, туку и со лесни голови во празната мрежа на спротивната страна водството скокна на 24-11. 

Удобната предност му овозможи на тренерот на Тинекс Пролет да им даде заслужен одмор на поискусните, шанса да добијат помладите ракометари во финишот, но тоа воопшто не влијаеше над конечниот исход, Пролет убедливо го доби овој натпревар со конечни „плус четиринаесет“.

Давор Палевски беше најефикасен во тимот на Тинекс Пролет со шест гола (пет во првото полувреме), а по четири погодоци постигнаа капитенот Андоновски и младите Тотиќ, Димковски и Додевски.

Пребарување

Табела

Поз.ЕкипаБ
1Алкалоид24
2Вардар24
3Е. Пелистер22
4Охрид20
5Бутел14
6Тиквеш13
7Прилеп12
6Пролет11
9Куманово6
10Борец5
11Струга4
12Радовиш1

Најнови вести

Архива на вести