Давор Палевски уште две години во дресот на Тинекс Пролет

Тинекс Пролет успева во намерата да ги задржи клучните играчи во тимот, па по потпишаниот договор со голманот Михаљевиќ денеска и официјално беше продолжена соработката и со Давор Палевски. Крилниот ракометар е повремен член на репрезентацијата на Македонија и во последните сезони е меѓу најдобрите стрелци во таборот на Тинекс Пролет, што беше доволна препорака за двете страни да се договорат за продолжување на престојот на Палевски во нашиот клуб.

Палевски според потпишаниот договор уште две сезони ќе продолжи да ги брани боите на Тинекс Пролет, со што заедно со младиот Тотиќ имаме исклучително квалитетен и перспективен тандем на позицијата лево крило.

„Презадоволен сум што останувам во Тинекс Пролет и што потпишав нов двогодишен договор со оваа екипа. Од првиот ден кога пристигнав бев одлично прифатен од сите во тимот, со што ми беше олеснета адаптацијата во новата средина. Сега веќе сум меѓу поискусните во екипата и моја обврска е да го им помогнам на помладите како што тоа беше направено за мене при доаѓањето во Тинекс Пролет. Имаме квалитетен тим, одлична атмосфера во екипата и не се сомневам дека со неколкуте најавени засилувања повторно ќе се бориме за излез во ракометна Европа. Тинекс Пролет е склоп на младоста и искуството, но она што го краси овој тим и што мислам дека го нема на друго место е неверојатното другарство што владее меѓу сите ракометари. Токму поради тоа воопшто не се двоумев кога ја добив понудата за нов договор и експресно го потпишав истиот“, изјави Палевски по потписот на новиот двогодишен договор со нашиот клуб.