Пораз во Битола за крај на сезоната (28-25)

Тинекс Пролет загуби со 28-25 на гостувањето против Еурофарм Пелистер 2, меч со кој и официјално ја затворивме натпреварувачката 2022/23 сезона. Домашните ракометари беа во водство во голем дел од натпреварот, Тинекс Пролет се врати и успеа да го израмни резултатот, но падот на концентрацијата во последните минути придонесе избраниците на Лембанов од Битола да се вратат без ниту еден освоен бод.

Натпреварот почна со рано водство од 3-0, но Тинекс Пролет успеа да се врати и набрзина да стигне до израмнување. Резултатскиот егал се одржуваше до 8-8, кога „пелистерци“ повторно постигнаа три гола во низа, успеаја да се одлепат и на одмор да заминат со убедливи 14-9. Битолчани ја одржуваа предноста и во првите петнаесетина минути од второто полувреме, по што следеше одличен период на Тинекс Пролет. Цврстата одбрана на чело со голманот Петковски помогнаа Тинекс Пролет да влезе во серија, па со голот на Додевски од контранапад од 22-18 да стигне до израмнување на 22-22. Една минута подоцна Палевски беше прецизен од пенал за 23-23, но Еурофарм 2 повторно влезе во ритам и успеа да стигне до „плус два“. 

Тинекс Пролет шансата за камбек ја пропушти на три минути до крајот, најпрвин Додевски имаше слабо додавање до пивот при 26-25, веднаш потоа Палевски не реализираше седмерец при 27-25, по што поразот беше неизбежен, а Еурофарм Пелистер 2 славеше со конечни 28-25.

Палевски и Додевски со по осум погодоци беа најефикасни во таборот на Тинекс Пролет на овој последен овосезонски натпревар, на кој Василевски постигна четири, а капитенот Ласко Андоновски три гола.

Нашиот тим го освои осмото место на табелата во плејофот, но мора да се истакне дека во овој дел од натпреварувањето останавме без Аларов, Џонов и Јагуриновски, кои беа меѓу главните носители на играта во првиот дел од сезоната. Супер-лигата ја одбележавме со серија добри игри и резултати кои придонесоа Тинекс Пролет да го освои второто место во својата група, веднаш зад новиот шампион Еурофарм Пелистер.