Реми во драматичен финиш против Бутел (23-23)

Тинекс Пролет ремизираше 23-23 против Бутел во последниот домашен натпревар оваа натпреварувачка сезона. Како и многу пати во меѓусебните дуели во минатото, повторно цврстите одбрани беа заштитен знак на овие скопски пресметки, а радува карактерот на Тинекс Пролет, нашиот тим се врати од минус два во последните три минути и стигна до бод на овој натпревар.

Натпреварот почна со подобра игра на гостинските ракометари, кои ги казнија грешките на Тинекс Пролет и набрзина поведоа со 1-4. Тајмаутот што го зеде тренерот Лембанов вроди со плод, Тинекс Пролет веднаш заигра далеку подобро и за само неколку минути го сврте резултатот во своја полза, поведувајќи со 5-4. По исклучувањето на Василевски следеа два гола од пенал на Бутел и ново водство на гостите, кои во неколку ситуации имаа и „плус два“ (6-8, 8-10, 9-11). Пролет повторно покажа карактер и со мини-серија од три гола го сврте резултатот во своја полза. До крајот на полувремето се играше квалитетно на двете страни, за со голот на капитенот Ласко Андоновски на одмор да се замине со израмнети 13-13.

Бутел го отвори второто полувреме со брзо водство од 13-15, но Тинекс Пролет повторно знаеше како да возврати, па домаќините со три гола во низа (два од пенал на Палевски) поведоа со 16-15. Гостите повторно влегоа во мини-серија, па тренерот Лембанов беше принуден да побара тајмаут при негатива од 17-19. Пролет продолжи да се бори, Бутел го одржуваше водството, па со голот на капитенот Андоновски домаќините намалија на 22-23. „Бутелци“ не реализираа, но и Тинекс Пролет не го искористи својот напад за израмнување, откако Андоновски под закана од пасивен напад го погоди дирекот од противничкиот гол. 

Во драматична завршница Тинекс Пролет доби подарок во последните секунди, кога судиите досудија пенал поради задржување на времето во самиот финиш од Мирко Мајиќ, по што Палевски ја презеде одговорноста, погоди од седум метри и донесе реми, за конечни 23-23.

Давор Палевски со 10 гола беше најефикасен во таборот на Тинекс Пролет, шест погодоци постигна Василевски, а три капитенот Андоновски.