Пораз од Вардар, добро второ полувреме (18-25)

Ракометарите на Тинекс Пролет не успеаја да приредат изненадување на дуелот со шампионот Вардар, губејќи на домашен терен со резултат 18-25. Штета е што избраниците на Лембанов одиграа далеку под своите можности во првото полувреме во кое Вардар апсолутно доминираше. Тинекс Пролет во вториот дел не само што парираше, туку извесен период беше и подобар ривал на теренот, што сепак беше недоволно за да се избегне пораз на овој натпревар.

Василевски го постигна првиот гол за Пролет на овој натпревар, израмнувајќи на 1-1, по што следеа три гола во низа на гостинскиот состав. Нашиот тим се приближи на 3-5, резултат при кој имаше и напад за „минус еден“, кој не само што остана неискористен, туку следеше извонредна серија на гостите кои за помалку од десет минути поведоа со 3-11. Давор Палевски со гол од контранапад ја прекина серијата на фаворитот, но Вардар продолжи да доминира до крајот на полувремето, во 28. минута поведувајќи со 6-16. Капитенот Ласко Андоновски беше прецизен една минута подоцна, поставувајќи го конечните 7-16 за крајот на првото полувреме. 

Второто полувреме почна со четири гола во серија на „вардарци“ и нивно водство од 7-20. Од тој момент Тинекс Пролет заигра далеку подобро, како во нападот, така и во одбраната. Предноста на гостинскиот состав се топеше, Тинекс Пролет повеќе од десет минути не прими гол, а негативата се спушти на шест гола (14-20). Вардар во последните 23 минути од второто полувреме постигна само пет погодоци, одбраната функционираше беспрекорно, како најава за уште подобри изданија во преостанатиот дел од сезоната. Овој дуел беше загубен со конечни 18-25, очекуван пораз од кој младиот тим на Тинекс Пролет ќе извлече искуство и поука за во иднина.

Кадетскиот репрезентативец Михаел Тотиќ беше прв стрелец на Тинекс Пролет со четири погодоци, по три постигнаа искусните Андоновски и Василевски, а по два пати прецизни беа Палевски и Пецаковски.