Палевски: Одиме по нова победа против Пелистер 2

Ракометарите на Тинекс Пролет продолжуваат со силното темпо на натпревари со денешниот дуел на домашен терен против Еурофарм Пелистер 2 (сала „Македонско Сонце“, 19 часот). Станува збор за ривал што е добро познат сезонава, Тинекс Пролет славеше на двата меча со битолчани во првата фаза од Супер-лигата, а потоа успеа да ги совлада и во финалето од групата во Купот на Македонија, со што нашата екипа обезбеди пласман на фајналфор турнирот.

Иако ослабена со заминувањето на неколку важни играчи, екипата на Пролет игра се подобро од натпревар во натпревар во вториот дел од сезоанва, на последниот домашен меч славеше над Охрид за прв триумф во плејофот, на што сега се очекува надоврзување со нова радост против битолчани.

„Верувам дека имаме се што е потребно за да славиме повторно против Еурофарм Пелистер 2. Полни сме со самодоверба по последните добри резултати, како во Купот на Македонија така и по триумфот над Охрид и сакаме нова победа на домашен терен. На тој куп-триумф пресудна беше нашата одбрана, со која стигнавме до значајна предност, како и беспрекорната реализација од сите позиции. Еурофарм 2 е тим што добро го познаваме бидејќи неколку пати игравме сезонава со нив, во последните денови уште подетално ги анализиравме и се подготвувавме. Не е тајна дека бековската линија им е главен дел од тимот и ќе треба да ги запреме за да се радуваме на крајот. Убеден сум дека ако одиграме како што знаеме на крајот ќе славиме нов триумф“, изјави Давор Палевски, кој и сезонава е меѓу најефикасните ракометари на Тинекс Пролет.