Бутел беше посилен ривал во скопската пресметка (23-16)

Ракометарите на Тинекс Пролет немаа сила за ново изненадување по победата над Охрид во минатото коло, откако вечерва во „малото скопско дерби“ загубија на гостувањето кај Бутел со 23-16 како дел од 6. коло од плеј-офот во Суперлигата.

Домаќините подобро го отворија натпреварот, посебно во фазата во одбрана каде на нашиот тим не му дозволија ниту еден погодок во првите девет минути, а резултатот на семафорот изнесуваше 3-0. Првиот погодок за гостите го постигна Александар Василевски во десетата минута од натпреварот.

По слабиот старт тимот од скопската населба Пролет ги консолидираше своите редови па со серија од 3-1 во 13. минута стигнаа на само еден гол негатива 4-3. Сепак, домаќините вратија со серија од три гола во 19. минута стигнаа до највисоките до тој момент плус четири (7-3). Лошата реализација во нападот беше одлика на двата тима и во следниот период, а до крајот на првиот дел гостите успеаја да намалат на само минус еден (8-7).

Второто полувреме почна слично како и првото. Двата тима се мачеа да стигнат до голот на противникот, па во оваа игра повторно подобро се снајдоа домаќините кои во 38. минута повторно се одлепија на плус три (12-9). Во продолжение се играше гол за гол, а во последната четвртина од натпреварот бутелчани влегоа повторно со највисоките плус четири (17-13), по што нашиот тренер Лембанов мораше да интервенира со тајм-аут. Ниту паузата не вроди со плод бидејќи Бутел во последните десет минути влезе со највисоки плус пет (18-13). 

До крајот разликата само растеше за конечни 23-16. Мирко Мајиќ со седум гола беше убедливо најдобар поединец кај победникот, додекај кај Пролет по три гола постигнаа Тотиќ, Димов и Андоновски.