Куп на Македонија: Одлично второ полувреме и победа над Голден Арт (26-25)

Тинекс Пролет се пласираше во финалето од својата група од Купот на Македонија откако по голема битка славеше над Голден Арт со резултат 26-25. Првото полувреме мина во негатива во однос на мотивираниот противник, но Пролет заигра далеку подобро во вторите 30 минути, во кои одбраната ги затвори приодите кон голот на Михаљевиќ, па со резултатски пресврт се стигна до значајна победа, прва официјална на Тинекс Пролет во оваа 2023 година.

Гостинскиот тим подобро го отвори натпреварот и набрзина поведе со 1-4, период во кој нападот на Тинекс Пролет беше далеку под посакуваното ниво. Пецаковски од пенал го постигна единствениот гол за Тинекс Пролет во почетните девет минути од мечот, пред капитенот Ласко Андоновски конечно да погоди од игра и да намали на 2-4. Како што одминуваше времето така и одбраната на Тинекс Пролет добиваше на цврстина, тоа придонесе да се зголеми и самодовербата во нападот, па набрзина се стигна до израмнување од 7-7.

И наместо целосен пресврт, тогаш дојде до нова мини-серија на противникот и три гола во низа, по што тренерот Лембанов беше принуден да побара тајмаут при негатива од 7-10. Нападот влезе во ритам пред крајот на полувремето, но одбраната лесно дозволуваше голови на противникот, па на пауза се замина со негатива од три гола (12-15). Одбранбената зона функционираше далеку подобро на стартот од вториот дел, но затоа потфрли нападот, не реализирајќи два напади при 13-15.

Како што одминуваше времето, Тинекс Пролет делуваше се подобро на теренот, па голманот Михаљевиќ по една одбранета топка постигна гол од својата половина, за израмнување на 17-17. Наредниот период мина во израмнета игра, а по петтиот погодок на Ласко Андоновски за 21-21, гостинскиот тренер Глигоров побара тајмаут. Виктор Додевски погоди во 46. минута за прво водство на Тинекс Пролет (22-21). При предност од 23-21 судиите исклучија двајца наши ракометари, но Михаљевиќ одбрани зицер, а на спротивната страна во рок од две минути Тинекс Пролет постигна два гола и поведе со 25-22, на десет минути до крајот од натпреварот.

Лембанов побара тајмаут при водство од 25-23, на пет минути до крајот, нападот продолжи да се мачи, но одбраната ја заврши клучната работа во завршницата и Тинекс Пролет заслужено триумфираше со минимални 26-25, по голот што гостите го постигнаа во самиот финиш.

Кадетскиот репрезентативец Димковски беше најефикасен со шест погодоци, пет постигна капитенот Андоновски, а четири десниот бек Додевски.

Противник на Тинекс Пролет во финалето од оваа група во Купот на Македонија ќе биде подобриот од мечот Еурофарм Пелистер 2 - Радовиш, што на програмата е утре претпладне.