Без многу мака освоена и Кисела Вода (25-34)

Тинекс Пролет забележа уште една победа во рамките од ракометната Супер-лига на Македонија откако вечерва рутински славеше на гостувањето против Јуниор Кисела Вода со резултат 25-34. Новите бодови значат и зацврстување на второто место во групата, кое може да биде осигурано со триумф во наредното коло, кога на домашен терен ќе го пречекаме Тиквеш.

Џонов беше одличен на самиот старт со три погодоци во првите пет минути од натпреварот, но потоа дојде до мал пад во концентрацијата што домашниот тим го искористи за да поведе со 6-3. Јуниор имаше идентично водство и при 8-5, по што Тинекс Пролет целосно ја презеде контролата над играта. Избраниците на Лембанов го пронајдоа посакуваниот ритам во нападот, лесно стигнуваа до ситуација за постигнување на гол и на одмор заминаа со водство од 14-16. 

Доминацијата на Тинекс Пролет продолжи и во второто полувреме, предноста се зголемуваше, а по 18-22 следеа дури седум гола во низа на нашиот тим, за водство од убедливи 18-29. Тренерот Лембанов им даде шанса и на дел од помладите ракометари, кои ја оправдаа довербата, довршувајќи го квалитетно овој натпревар што на крајот беше добиен со конечни 15-24. 

Дејан Пецаковски со седум гола беше најефикасен во таборот на Тинекс Пролет, по шест постигнаа Џонов и Јагуриновски, а по три пати прецизни беа Димов и Додевски.