Тинекс Пролет игра одлично: Водство од почеток до крај и заслужена победа во Битола (23-25)

Серијата одлични игри и резултати на Тинекс Пролет продолжи и на денешното гостување во Битола против Еурофарм Пелистер 2, каде избраниците на Лембанов со беспрекорно издание стигнаа до големи три бода, славејќи со 23-25. Дуелот со главниот ривал за второто место беше добиен со цврста игра во одбраната, откако во голем дел од мечот го исфрливме од ритам младиот состав на тренерот Јовиќ, за кого ова беше прв домашен пораз сезонава.

Тинекс Пролет поведе од самиот почеток, најпрвин со 1-3, а потоа домаќините во неколку наврати стигнуваа до еден гол разлика (4-5, 5-6, 6-7, 7-8). Голманот Петковски денеска доби шанса од првата минута и блесна во моментите кога беше најважно, цели 11 минути оставајќи го противникот без постигнат погодок (период во кој успа да одбрани и два седмерци на битолчани). Џонов и Андоновски раководеа со нападите на Тинекс Пролет и овозможија да се поведе со убедливи 7-12, за момент имавме и водство од шест гола (8-14), за на одмор да се замине со предност од 9-14. 

Голем дел од второто полувреме мина во умешно удржување на стекнатата предност. Позитивата се движеше меѓу четири и шест гола, за откако Тинекс Пролет поведе со 15-20, домаќините тргнаа во последен обид да фатат приклучок. Тоа им успеа и Еурофарм Пелистер 2 намали на 22-23, но Џонов и Јагуриновски погодија кога беше најважно и ја осигураа победата на Тинекс Пролет.

Иван Џонов беше најдобар поединец на натпреварот со шест погодоци, пет постигна Димов, а по три Палевски, Аларов, Ласко Андоновски и Јагуриновски.

Тинекс Пролет со овој триумф се искачи на второто место во својата група, а во следното коло избраниците на Лембанов ќе го пречекаат составот на Радовиш.