Андоновски: Ако играме како во Скопје, можеме до цел плен и во Битола

Тинекс Пролет денеска со почеток во 16 часот ќе му гостува на Еурофарм Пелистер 2, директен ривал во битката за второто место во групата и пренесување на што повеќе бодови во нокаут-фазата. 

Станува збор за ривал со кого минатата сезона имавме сериозни проблеми, но затоа во првиот овосезонски дуел Тинекс Пролет целосно ги надигра младите битолчани триумфирајќи со убедливи 28-22. Токму тоа издание, пред се во одбраната, ќе биде неопходно ако се сака да се стигне до позитивен резултат во салата „Боро Чурлевски“.

„Знаеме што е потребно, мораме да ја повториме играта од првиот меч во Скопје. Доколку го сториме тоа, верувам дека ќе успееме да стигнеме до победата со која би направиле џиновски чекор кон второто место во групата. Секако дека нема да биде лесно бидејќи играме против квалитетен тим што дополнително се мотивира кога игра во Битола. Сепак, ние сме доволно искусни за да не подпаднеме под таа атмосфера, мораме да ја играме сопствената игра, да ги затвориме приодите кон сопствениот гол и на тој начин да го натераме противникот да влезе во грешки“, изјави капитенот Ласко Андоновски.