Тинекс Пролет подобар и од Скопје (30-22)

Тинекс Пролет ќе влезе без пораз во репрезентативната пауза откако нашиот клуб во рамките од шестото коло рутински стигна до триумф над Скопје од 30-22. По договорот на клубовите за промена на домаќинството овој меч беше одигран во салата „Македонско Сонце“ во Пролет, а избраниците на Лембанов знаеја како да ја искористат предноста што ја носи домашниот терен, беа во водство од почеток до крај и заслужено триумфираа без оглед на падот на концентрација во дел од второто полувреме.

Одбраната на чело со голманот Михаљевиќ функционираше одлично од самиот старт, па Скопје во првите осум минути не успеа да постигне ниту еден погодок (3-0). Во нападот одличен на стартот беше Аларов, потоа во ритам влезе и Палевски, а како што одминуваше времето, така мрежата на гостинскиот состав ја полнеше Томи Јагуриновски. Најубедливата предност во првото полувреме изнесуваше пет гола (10-5), за на одмор сепак да се замине со водство од 15-12. 

Вториот дел почна со одлична интервенција на Михаљевиќ при зицер на гостинските ракометари, по што Тинекс Пролет тргна супериорно и поведе со 19-13. Тогаш неочекувано дојде до пад во играта на домашниот состав, што Скопје го искористи за опасно да се приближи на само еден гол разлика. При 20-19 гостите не реализираа напад за израмнување, по што Тинекс Пролет се врати во ритам, влезе во серија голови и на крајот триумфираше со конечни „плус осум“.

Томи Јагуриновски беше одличен во нападот со 11 постигнати погодоци, исто толку реализираше и Давор Палевски, додека Аларов го заврши мечот со четири постигнати гола.