Лембанов: Најважно е да ја одиграме сопствената игра, нема да го прецениме Тиквеш

Тинекс Пролет денеска со почеток во 18 часот во Кавадарци го игра својот дуел од петтото коло од Супер-лигата. Во претходните четири кола избраниците на тренерот Лембанов имаат три победи и едно реми, па јасно е дека во одлична атмосфера го очекуваат денешното гостување, во обид да ја продолжат серијата добри резултати.

Тиквеш е тим што традиционално игра квалитетно на домашен терен, ривал што секако е за респект, но кого Тинекс Пролет дефинитивно нема да го преценува на денешниот меч.

„Имавме доволно време да го анализираме противникот и дефинитивно станува збор за квалитетна екипа што ја одликува разноликост во нападот, како и добра транзиција од одбрана во напад. Ги утврдивме нивните силни и слаби страни, во изминатите денови работевме на нашата тактика и верувам дека тоа е она што е најважно, доколку ја играме нашата игра и го покажеме она што го знаеме, верувам дека можеме да стигнеме до позитивен резултат. Тука пред се мислам на трпението во нападот, на враќањето побрзо во одбрана, добро знаеме што треба да се стори за да се биде на висина на задачата. Теренот во Кавадарци е жежок и свесни сме за тоа, но нема да го прецениме Тиквеш бидејќи знаеме дека можеме да се надигруваме со овој противник. Се ќе зависи од нас и од она што ќе го покажеме на теренот“, истакна тренерот Алексо Лембанов во пресрет на денешниот натпревар.