Џонов: Пелистер 2 игра брз ракомет, мораме да ја запреме нивната полуконтра

Ракометарите на Тинекс Пролет вечерва (18.30 часот, сала „Македонско Сонце“) ќе го пречекаат составот на Еурофарм Пелистер 2, во полуфиналето од групната фаза од Купот на Македонија. Станува збор за ривал кој им е должник на избраниците на Лембанов, со оглед на фактот дека младите „пелистерци“ сезонава двапати славеа над Тинекс Пролет, што ќе биде само мотив повеќе за успех на денешниот натпревар. 

Според бекот на Пролет, Иван Џонов, клучен аспект во играта ќе биде запирањето на силното темпо што го наметнува Еурофарм Пелистер 2.

„Пред нас е натпревар против силен ривал, но дефинитивно ќе сториме се за да славиме и да го продолжиме настапот во Купот на Македонија. Пелистер 2 е состав што инсистира на брза игра, главно оружје им е полуконтрата и брзата трансформација од одбрана во напад.Тоа им беше клучен адут при последниот триумф во Скопје над нас, така што мораме да го поправиме тој дел од играта. Не чувствуваме притисок, но максимално сме мотивирани да дадеме се од себе за да ги совладаме битолчани и да се пласираме во финалето од групата од Купот на Македонија“, изјави Џонов.

Победникот од овој натпревар во финалето од групата ќе се сретне со подобриот од дуелот меѓу Прилеп и Голден Арт КЛ7.