Триумф за историја: Тинекс Пролет го совлада шпанскиот гигант Гранолјерс

Тинекс Пролет забележа извонреден резултат откако денеска славеше на вториот меч со шпанскиот прволигаш Гранолјерс со резултат 27-29. За разлика од првиот меч на кој тремата го стори своето, овојпат нашите ракометари одиграа извонреден натпревар, имаа водство во голем дел од второто полувреме и на крајот заслужено стигнаа до победата. 

Михаил Аларов го постигна првиот гол на натпреварот, но Гранолјерс набрзина ја презеде контролата над резултатот. При водство на противникот од 3-2 не беа искористени неколку напади за израмнување, по што Шпанците во 10. минута се одлепија на 5-2. Пецаковски реализираше два седмерци во ноза, но потоа следеше промашен пенал на Палевски, во период кога противникот беше со играч повеќе на теренот по исклучувањето токму на Пецаковски. Во 17. минута при резултат 8-5 Пецаковски го заработи и второто исклучување, но благодарение на погодоците на Аларов негативата се задржа на три гола (11-8, 21. минута). Три минути подоцна резултатот гласеше 13-8 за домаќинот, по што Андон Бошковски го побара првиот тајмаут на натпреварот. 

Советите на шефот на стручниот штаб вродија со плод, па Тинекс Пролет постигна три гола во серија и во 28. минута ја намали негативата на домашниот состав на 13-11. Домашниот стратег Рама Гарсија беше принуден да побара тајмаут, Гранолјерс до крајот на полувремето успеа да постигне еден гол, прецизен за Тинекс Пролет беше пивотот Крстевски, па на одмор се замина со резултат 14-12. 

Капитенот Ласко Андоновски го постигна својот прв гол на самиот почеток од второто полувреме, намалувајќи на 14-13. Голубовиќ не погоди шут за израмнување, но само неколку минути подоцна Аларов реализираше прецизно израмнувајќи на 15-15. Избраниците на Бошковски заиграа одлично во нападот, реализирајќи го секој атак кон противничкиот гол, па во 39. минута резултатот беше израмнет (18-18) по реализацијата од крило на Давор Палевски.

Домашните ракометари ја загубија сигурноста во нападот, па Тинекс Пролет во 44 минута стигна и до водство (20-21), по голот што од сопствената половина го постигна искусниот Пецаковски. Ова придонесе да дојде до нервоза кај противничкиот тим, а Тинекс Пролет го искористи тоа и поведе со 20-23, принудувајќи го тренерот на Гранолјерс на тајмаут на половина од второто полувреме. Џонов продолжи со одличната игра на денешниот натпревар со украдена топка, потоа и погодок за водство од најубедливи 21-25 до тој момент на натпреварот. Во следниот напад повторно Џонов лесно се ослободи од својот ривал и стрелаше за уште поубедливи 21-26.

Следеше период на грешки во нападот што домашниот состав ги искористи за да намали на 24-26, резултат при кој Бошковски побара тајмаут на шест минути до крајот. Давор Палевски постигна два гола по тајмаутот и ја врати сигурноста во играта на Тинекс Пролет, во клучните моменти прецизен беше и Аларов, за историска победа на Тинекс Пролет над Гранолјерс изразена со конечни .

Михаил Аларов одигра извонреден натпревар постигнувајќи седум гола од осум обиди, а по четири погодоци во овој голем триумф постигнааа Џонов, Палевски, Голубовиќ и Пецаковски.

Со овој резултат, Тинекс Пролет достојно се прости од европските купови за оваа натпреварувачка сезона, а веќе следната седмица нашиот тим го очекува првиот меч од Супер-лигата, на гостински терен против градскиот ривал Металург.