Пораз на европското гостување против Гранолјерс

Тинекс Пролет претрпе пораз со убедливи 21-36 на првиот натпревар од двомечот со Гранолјерс во рамките од квалификациите за пласман во Лигата на Европа. Шпанскиот тим беше супериорен во голем дел од мечот и заслужено стигна до убедлива победа, широко отворајќи си ги вратите кон следната рунда од квалификациите во ова европско натпреварување.

Натпреварот почна со гол од контранапад на Палевски за водство од 1-0, неколку минути подоцна и Голубовиќ погоди за водство од 2-1, а Гранолјер првото водство го имаше на истекот од петтата минута (2-3). Техничките грешки во нападот на Тинекс Пролет зачестија, Шпанците поведоа со 2-6, а Андон Бошковски го побара првиот тајмаут на натпреварот. Советите на тренерот вродија со плод, најпрвин проработе нападот, потоа во серија одбрани влезе и голманот Петковски, по што беше преполовена предноста на Гранолјерс (6-8). 

Сепак, дојде до нова криза во нападот што Гранолјерс ја искористи за водство од 6-11, пред серијата на шпанскиот состав да ја прекине Ласко Андоновски. Првото исклучување на натпреварот го заработи Михаил Аларов во 26. минута, при голот за кој Гранолјерс поведе со 9-13. Во тие две минути Гранолјерс не постигна ниту еден гол, се играше израмнето до крајот на полувремето, по што на одмор Шпанците заминаа со водство од 16-11, со голот што го постигнаа од пенал во последните секунди,

Од почетокот на второто полувреме на голот на Тинекс Пролет застана Јане Цветковски, кој на самиот почеток собра две одлични интервенции. Тоа не беше доволно бидејќи Гранолјерс повторно заигра на највисоко ниво, па во 37. минута резултатот гласеше 13-20. Проблемите се зголемија во 39. минута, откако судиите при резултат 13-21 му покажаа црвен картон откако пеналот на искусниот бек заврши во главата на домашниот голман. Шпанците знаеја како да го искористат тоа и набрзина поведоа со десет гола предност (13-23), и тоа со гол што од својот шестерец го постигна голманот Ранхел.

Убедливата негатива како да ги демотивираше ркометарите на Тинекс Пролет, кои се почесто грешеа во нападот, а Гранолјерс со лесно голови од контранапад го казнуваше тоа за убедливо водство од 15-28, резултат при кој Бошковски повторно беше принуден да побара тајмаут.  Остатокот од мечот мина во рутинско привршување од страна на Гранолјерс, по што шпанскиот клуб заслужено го доби натпреварот со убедливи 21-36.

Пејовиќ и Палевски беа најефикасни во таборот на Тинекс Пролет со по четири гола, по трипати реализираа Андоновски, Пецаковски и Голубовиќ.

Вториот натпревар од овоје двомеч се игра утре со почеток во 17.30 часот.