Андоновски: Респект за Гранолјерс, но нема да се предадеме

Ракометарите на Тинекс Пролет денеска во 19 часот го играат првиот од двата натпревари против Гранолјерс, во рамките од квалификациите за Лигата на Европа. Избраниците на тренерот Бошковски утрово го одработеа и вториот тренинг во салата во која денеска ќе излезат на мегдан со прославениот шпански клуб. 

Во екипата владее позитивна атмосфера и желба да се прикаже добра игра, а доколку се укаже шанса зошто да не и да се изненади фаворитот. 

„Свесни сме за фаворитската улога на Гранолјерс, но тоа ја прави само уште поголема нашата желба за добра игра. Едно е сигурно, нема однапред да се предадеме. Имавме одлична сезона во која стигнавме до третото место во македонското првенство, речиси целиот тим е се уште тука, така со што квалитетна колективна игра ќе се обидеме да му парираме на Гранолјерс. Многу важни ќе бидат почетните дваестина минути, во кои не смееме да дозволиме противникот да се одлепи резултатски. Доколку успееме во тоа, верувам дека можеме да одиграме егал-дуел со квалитетниот ривал“, изјавува капитенот Ласко Андоновски.

Вториот натпревар од двомечот меѓу Гранолјерс и Тинекс Пролет се игра утре со почеток во 17.30 часот.