Квалитетот е на наша страна, но Металург2 не е тим за потценување

Денешниот натпревар против Металург2 (18.30 часот, сала „Македонско Сонце“) е идеална можност за Тинекс Пролет да се врати во победнички ритам по поразот на дерби-дуелот со Охрид минатиот викенд. Станува збор за ривал што во првиот круг од натпреварувањето беше совладан минимално, со 32-33 во салата „Автокоманда“, резултат што е доволно предупредување дека не смее да дојде до опуштање на денешниот дуел.

„Имаме респект за противникот, кој поседува квалитет иако настапува со млади ракометари во својот табор. На првиот меч го контролиравме резултатот, но на крајот дозволивме Металург2 да се приближи. Тоа не смее да ни се случува на денешниот натпревар, мораме да бидеме максимално сконцентрирани од почеток до крај и да го контролираме резултатот од почеток до крај. Како и досега, нашиот рецепт за успех ќе биде борбена игра во одбраната и силниот тимски дух што го краси тимот од стартот на сезонава“ - порачуваат избраниците на Матлиески во пресрет на денешниот дуел.

Тинекс Пролет моментно се наоѓа на четвртото место на табелата со 20 освоени бода, додека Металург2 е осмопласиран со само четири освоени бода во досегашниот дел од сезоната.