Лесен триумф во Струга за печат на првиот круг од сезоната (20-38)

Тинекс Пролет триумфално го заврши првиот круг од натпреварувањето во Супер-лигата откако нашиот тим без многу мака триумфираше на гостувањето против Струга со резултат 20-38. Сосема очекувано, победата во ниту еден момент не беше доведена во прашање, а удобната предност му овозможи на тренерот Матлиески да им даде шанса и на дел од помладите ракометари, кои максимално ја оправдаа неговата доверба.

Виктор Дамчевски добро го почна натпреварот со два гола во првите пет минути игра, Тинекс Пролет набрзина поведе со 2-6, предност што набрзина беше дуплирана за водство од 5-13. Пред крајот на полувремето беше намалено темпото на игра, па на одмор се замина со „само“ седум гола разлика, 12-19. Сепак, во вторите триесет минути нашиот тим немаше милост за домаќините, полувремето беше отворено со пет гола во низа, а потоа младите играчи продолжија во силен ритам, кревајќи ја разликата до конечните „плус осумнаесет“.

Мартин Поповски беше најефикасен со девет гола, по шест постигнаа Василевски и Дамчевски, еден помалку од нив Џонов, а по трипати меѓу стрелците се запишаа Давитковски и Стојановски.

Тинекс Пролет го заврши првиот круг од натпреварувањето со скор од шест победи, две реми и само еден пораз, со што нашиот тим моментно се наоѓа на четвртото место на табелата, пласман што доколку биде задржан до крајот на Супер-лигата ќе значи и влез во плејофот. Во следната рунда од домашното првенство Тинекс Пролет в недела ќе му гостува на Охрид.