Василевски на рехабилитација во Хрватска: Едвај чекам да се вратам на терен

Отсуството на Александар Василевски е голем проблем за Тинекс Пролет, но добра вест за нашиот клуб е што левиот бек влегува во завршната фаза од рехабилитацијата по тешката повреда на коленото. Василевски се повреди во вториот дел од ланската сезона, а деталните прегледи покажаа дека станува збор за кинење на вкрстените лигаменти.

По извршената операција следеше повеќемесечно мирување, но Василевски сега работи напорно за што поскоро да може да се врати на терените. Тој тренира под специјална програма во Даруварске Топлице, каде работи под инструкциите на Даниел Санто, кој своевремено се грижеше и за Наумче Мојсовски по неговата тешка повреда на коленото. 


„Се е во најдобар ред, коленото од ден на ден е се подобро. Тренирам напорно под строго утврдена програма и едвај чекам повторно да заиграм ракомет и да го облечам дресот на Тинекс Пролет“ - порачува Александар Василевски од Даруварске Топлице.

Ставот на нашиот стручен штаб е дециден, бидејќи повредата беше премногу сериозна нема потреба од никаков ризик и брзање. Ова значи дека Василевски ќе ги одработи зимските подготовки со Тинекс Пролет, по што би му бил на располагање на тренерот Матлиески за вториот дел од сезоната.