Матлиески: Вардар е фаворит, но ние нема да се предадеме...

Ракометарите на Тинекс Пролет денеска продолжуваат со настапите во плеј-офот, и тоа со најтешкиот можен противник- дуел на гостински терен против шампионот Вардар (18.30 часот). „Црвено-црните“ ќе настапат ослабени поради неиграњето на дел од ракометарите кои изминатата седмица беа дел од своите национални селекции, но јасно е дека актуелниот првак останува фаворит на овој натпревар.

„Без разлика со кои ракометари ќе истрча на терен, Вардар во секој случај е фаворит на денешниот натпревар. Тоа е клуѕб со голем број врвни ракометари, актуелен шампион на СЕХА, поранешен европски првак, што само по себе е инспирација за нашите ракометари. Очекувам добра игра, да му парираме колку што можеме на Вардар, а доколку ни се укаже шанса, зошто да не и да изненадиме“ - истакна тренерот Никола Матлиески.

Нашиот стратег се враќа на клупските обврски откако во изминатата седмица беше прв асистент на селекторот Данило Брестовац на квалификацискиот двомеч против Исланд, на кој македонската репрезентација забележа една победа и едно реми.