Нова убедлива победа - Радовиш без шанси во Пролет (40-30)

Уште еден голем чекор напред кон плејофот беше направен со денешната победа над Радовиш, меч во кој Тинекс Пролет со сигурна игра стигна до убедливи 40-30. Нашите играчи беа на висина на задачата од почеток до крај, не дозволија противникот да се понадева дека би можел да приреди изненадување, па Тинекс Пролет со овие бодови со една нога веќе се наоѓа во плејофот.

Михаил Аларов го отвори резултатот со прецизен удар, како најава за извонредната партија на овој домашен ракометар. Набрзина водството порасна на 5-1, по што рутински ја одржувавме позитивата во текот на првото полувреме. Радовишани само за момент намалија на два гола разлика (15-13, 17-15), но со двата гола во самата завршница на Манасков и на Ролевски на одмор се замина со предност на Тинекс Пролет од 20-16.

Избраниците на Матлиески второто полувреме го отворија со серија од 4-1, со што практично и беше решено прашањето на победникот. Аларов постигна уште пет погодоци во периодот од 31. до 40. минута на натпреварот, предноста се повеќе се зголемуваше, за на крајот заслужено да славиме со убедливи 10 гола разлика.

Михаил Аларов одигра фантастичен меч постигнувајќи 14 погодоци, Ролевски постигна пет, а Манасков и Дамчевски по четири гола во оваа победа.

Галерија